СДСМ: Почитувањето на мерките спречува ширење на коронавирусот, оние кои ги прекршуваат ќе бидат санкционирани

пред 4 години

Заштитата на јавното здравје е врвен приоритет, почитувањето на мерките спречува ширење на коронавирусот, оние кои ги прекршуваат протоколите ќе бидат санкционирани, велат од СДСМ.

„Високите бројки на новозаразени со коронавиусот како во државата, така и и во регионот и Европа, покажува дека започна очекуваниот есенски бран, со којшто може да се справиме само со строго почитување на мерките. Најдобра и најефикасна заштита на личното и јавното здравје е носењето маска, одржување дистанца и редовна дезинфекција. Нема никаков простор за прекршување на мерките, ниту толеранција за тие кои свесно, преку погазување на протоколите и мерките, предизвикуваат ширење на коронавирусот“, пишува во соопштението.

Од партијата потсетуваат дека Владата, на барање на инспекцискиот совет, усвои измени на Законот за заштита на население од заразни болести со кои сите инспекциски служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид протоколите.

Со новите законски измени, велат од СДСМ, овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог ќе добијат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво.

Доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти.

„Заштитата на јавното здравје е врвен приоритет. Во овој период од исклучителна важност е почитувањето на сите здравствени ковид протоколи за да се заштити здравјето на секој граѓанин. Ниту здравствените работници, ниту другите надлежни служби, оваа битка не можат да ја извојуваат сами. Да се обединеме и да се поддржиме меѓусебно, битката против невидливиот непријател мораме да ја водиме сите заедно, без исклучок“, велат од СДСМ.

Scroll to Top