Се лоцираат контактите на Спасовски во МВР по што ќе се знае колку вработени ќе бидат во самоизолација

пред 4 години

Во Министерството за внатрешни работи се прават епидемиолошки анкети за да се лоцираат контактите кои министерот Оливер Спасовски ги имал изминативе денови, потврдуваат оттаму. Засега, нема информација дали и колку вработени ќе бидат во 14-дневна самоизолација, поради контакт со министерот кој самиот објави дека е инфициран со коронавирусот.

„Во тек е епидемиолошка анкета за контактите што министерот Спасовски ги имал деновиве. По ова ќе се знае точно кој ќе добие решение за самоизолација. Напоменуваме дека сите негови контакти биле со почитување на безбедно растојание и носење маска. Во однос на прашањето за контакти во владата, потсетуваме дека седниците се одржуваат преку видеоконференциска врска“, велат од МВР.

Засега, во изолација нема да оди никој од присутните на дигиталниот Конгрес на СДСМ кој се одвиваше викендов. Од СДСМ тврдат дека се почитувале протоколите при одвивање на партиските активности. За евентуална изолација на партиски претставник, најавуваат дека сами ќе ја информираат јавноста. Меѓу присутните на Конгресот со Спасовски беа Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Љупчо Николовски, Сања Лукаревска, Снежана Калеска-Ванчева, Мухамед Зекири, Коста Петров, Дарко Каевски.

Scroll to Top