Собранието не знае, нема листа кои пратеници гласале за легализација на дивоградбите

пред 3 години

Јавноста не може да дознае кој пратеник гласал „за“ кој „против“ или бил “воздржан“ за Законот за дивоградби, затоа што како што велат од Собранието, пратениците гласаат со картони, а не електронски и не изготуваат листинг со имињата на пратениците.

„А1он“ во обид да дојде до информации кои пратеници го поддржале законот за дивоградбите, доби одговор дека оваа листа на пратеници нема да биде доспапна додека Собранието заседава во услови на пандемија, при што како што велат нема техничка опрема со која би се овозможила ова статистика, а пребројувњето на гласовите се врши од страна на собраниските служби. Во моментот може да се знае само бројката на пратеници кои гласале и колку биле „за“, а колку „против“.

„Во услови на пандемија, единствено може да се види на видео-преносот на собранискиот канал или на одложената видео снимка која се прикачува од страна на службите, неколку дена по завршувањето на седницата. За жал во овие услови нема технички можности со кои би имале статистика кој пратеник гласал „за“ кој „против“. Кога пратениците ќе се вратат во салата „Македонија“, а тоа ќе биде наскоро според мои сознанија од месец јули, оваа информација повторно ќе биде достапна на граѓаните и медиумите , затоа што гласањето ќе биде со притискање на елекронскиот уред“, информираше потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.

Според собраниски извори, против законот за легализација на дивоградбите гласале двајцата пратеници на ДОМ Мирослав Богдановски и Маја Морачанин, Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ, Халил Снопче од Алијанса за Албанците и Борис Крмов од Левица. Воздржани биле тројца пратеници од Алијанса за Албанците, а 72 -ца пратеници дадоа зелено светло од СДСМ, ДУИ, дел од Алијанса и над 20 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

За законот воопшто не гласале пратениците Боби Мојсоски и Моника Зајкова кои беа потписници на иницијативата до Претседателот Пендаровски да не го потпише указот за законот. Пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ и Павле Трајнов од Демократски Созуз останале на седницата , но воопшто не гласале.

Според пратеникот Мирослав Богдановски законот за легализација на дивоградбите без проблем поминал и на Комисијата за транспорт и врски кој го поддржале 8 пратеници и од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, при што само тој бил против.

Како што дознава „А1он“ условот на опозицијата да се согласи да даде зелено светло за законот бил прифаќање на поднесениот амандман со кој тие барале амнестија , односно запирање на сите постапки пред судот против лицата кои бесправно изградиле објекти.

Овој политички договор наиде на голем отпор меѓу група пратеници кои ја покренаа иницијативата до Пендаровски и побараа да не го потпише указот на законот за легализација на дивоградбите. Претседателот тоа и го направи, одби да стави потпис со образложение дека законот е во спротивност со Уставот.

Scroll to Top