Спасовски на регионалната тинк-тенк средба „Ковид-19 и демократијата на Западен Балкан“

пред 3 години

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на регионалната тинк-тенк средба „Ковид-19 и демократијата на Западен Балкан“ на сесијата под наслов „Зајакнување на демократијата на Западен Балкан“.

„ Општествата соочени со ваквите закани по општите, јавни интереси беа принудени да дадат соодветни одговори. Одговори што примарно беа фокусирани на заштита на луѓето, на секој поединец, но и на системите, на институционалната, вонинституционалната и социо-економската функционалност, што се јави како каузална неопходност од здравствените мерки и потреби за превенирање на пандемијата“, рече министерот Спасовски во своето обраќање.

Според Спасовски, генерално гледано, тие институционални одговори беа унисони за сите држави, а по глобално прогласување на пандемијата од страна на СЗО, тогашната Техничка Влада на Република Северна Македонија, покрај примарната законска улога за подготвување фер и демократски избори, доби улога да презема мерки за заштита на јавното и индивидуалното здравје на граѓаните, за заштита и динамично кондиционо одржување на здравствениот систем, како прва брана против пандемијата, но и за заштита на социо-економските капацитети и функционалноста на општеството во целина, како колатерално загрозени сегменти од живеењето.

„И веднаш, на самиот почеток, ни беше јасно дека пандемијата, следствено здравствено-медицинските сознанија, препораки и насоки на делување, коренито ќе го промени севкупниот дотогашен начин на живеење и функционирање на државите. Имено, заштитата на јавното здравје, особено заштитата на тогаш веќе детектираните ранливи категории граѓани, јасно нѐ спротивстави на фактот за своевидно рестриктирање на одредени универзални човекови права и слободи“, посочи Спасовски.

Како што појасни министерот Спасовски, следејќи ги сопствените согледувања и проценки, но и искуствата и делувањето на сите други, како во регионот, така и пошироко, државата беше принудена на носење ригорозни мерки, како што е, на пример, карантинот или „локдаунот“, што пак, од своја страна, значеше ограничување на низа човекови права и слободи – право на движење, право на работа итн.

„Сите ние мораше крајно објективно и одговорно да извагаме што се добива, а што се губи, што е приоритетно, а што е второстепено, што може, а што не може во дадените околности, имајќи ги притоа на ум секогаш фактите од научно верификуваните сознанија за вирулетноста на ковидот, опасните здравствени импликации, потоа предикциите околу ширењето на вирусот што, за жал, се остварија, и врз основа на тоа – да делуваме“, истакна Спасовски.

Од друга страна, ограничувањето на стекнатите права и слободи, според министерот за внатрешни работи, не е лесно прифатлива реалност. Појавите на револт, страв, несигурност се очекувани фрустрирачки производи на таквите мерки во сите демократски земји, а особено за општествата кои што се наоѓаат во фаза на системска консолидација, како што се, на пример, во поголема или помала мерка земјите од регионот на Западниот Балкан.

„Секој од нас е совршено свесен дека универзалните човекови права и слободи се точки на потпирање на модерните демократски општества. И дека се есенцијални за просперитетот на секој наш граѓанин. Но, исто така, мораме да бидеме свесни за исклучителноста на состојбата, која буквално нѐ притисна во клинч, изнудувајќи од нас одлуки што верувам дека се со времен карактер“, нагласи Спасовски, додавајќи дека заштитата на јавното здравје, како што покажа реалноста, е приоритет пар екселанс, при што просторот за компромиси е многу мал.

Scroll to Top