Средба на Османи со Димитрис Јанакакис, вонренден и ополномоштен амбасадор на Грција

пред 3 години

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари проштална средба со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Грција во Северна Македонија Димитрис Јанакакис во чиј мандат, информираат од МНР, беа реализирани историски моменти во билатералните односи, како што се подготовките, но и самото потпишување и спроведување на Преспанскиот договор.

Османи, како што информираат од неговиот кабинет, го поздравил севкупниот ангажман на амбасадорот Јанакакис за време на неговиот мандат, во кој покрај можноста за создавање на нова фаза во билатералните односи и преземање на серија активности за нивното продлабочување, беше овозможено нашата држава да ги оствари најзначајните надворешно политички приоритети, полноправното членство во НАТО и одлуката на Европскиот совет во март за започнување на пристапните преговори со Европската унија.

– Со нашиот заемен ангажман покажавме дека успешното разрешување на долгогодишното отворено билатерално прашање стана модел за други држави во регионот, придонесе за интензивирање на регионалната соработка и со тоа за европската перспектива на регионот истакна министерот Османи, додавајќи дека Грција продолжува да биде гласен лобист за ЕУ-напредокот на Северна Македонија и останатите држави од регионот.

На средбата, Османи му се заблагодарил на амбасадорот Јанакакис за помошта во реализацијата на сите активности кои во изминатиот период придонесоа за интензивирање на соработката меѓу двете држави, во повеќе области од заемен интерес и со заедничка координација и работење.

Scroll to Top