Три генерации македонска мода – настан организиран на иницијатива на сопругата на претседателот

пред 4 години

На иницијатива на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, а во соработка со професори при Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, вчеравечер во Кабинетот на претседателот се одржа настан „Три генерации македонска мода – пренесување на знаење“.

Целта на настанот беше да се промовираат младите дизајнери, да се даде поддршка на развивањето и унапредувањето на македонскиот дизајн, а преку него и на заштитата на културното наследство и да се промовира текстилната индустрија.

Сопругата на претседателот посочи дека соработката со Технолошко-металуршкиот факултет започнала со отворањето на канцеларијата на претседателот МладиХаб во која беа изложени креации на млади студенти од овој факултет.

– Оваа поддршка продолжува и во тој контекст е и овој денешен настан „Три генерации мода“, да се вратиме на почетоците на дизајнот во Северна Македонија, она што се случувало во минатото, моменталната состојба, но ќе имаме можност да видиме и кои се перспективите на младите генерации, рече Ѓоргиевска.

За работата со студентите по дизајн во изминатите осум години на настанот говореше професорката и дизајнер Лидија Георгиева, а професорката во пензија и костимограф Зорка Тодорова –Младеновиќ ја претстави својата книга „Како да станам моден дизајнер“ и имаше презентација за модата во изминатите неколку децении.

Апсолвентите на Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет, Љубица Беќарова и Катерина Димитровска презентираа дел од своите креации со кои се претставиле на модни настани надвор од земјава.

Scroll to Top