Угостител од Дебар избоден со нож среде бел ден во сопствениот локал

пред 3 години

Во кафе-бар во центарот на Дебар денеска е нападнат сопственик на кафе-бар, кој бил избоден со нож во неговиот локал, соопшти полицијата.

-Денеска околу 10 часот, во Одделението за внатрешни работи во Дебар, пријавено е дека Б.П.(47) од Дебар, додека бил во сопствениот кафе-бар, од машко лице бил нападнат со остар предмет. ОВР Дебар, работи на расчистување на случајот, изјави Стефан Димоски портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Од Општата болница со проширена дејност во Дебар, информираат дека Б.П. имал убодни рани од нож во пределот на вратот и градниот кош.

-Во 9:55 часот добиен е повик до брзата помош, која веднаш се упати на самото место. Повредениот Б.П. беше донесен во ургентната единица, каде беше констатирано дека има убодна отворена рана на вратот од левата страна, убодна рана на десната страна на градниот кош и помала посекотина на десната рака, изјави Баки Халили, директорот на дебарската болница.

Тој додава дека виталните параметри на повредениот биле во нормала, а единствено имал низок крвен притисок. По дадената прва медицинска помош, транспортиран е во Клиничкиот центар во Скопје.

Според Халили, во придружба биле двајца лекари и медицинска сестра, кои повредениот, како што го информирале, го предале во стабилна состојба, по што веднаш бил внесен во хируршка сала.

Иако за тоа нема официјална потврда, во Дебар се шпекулира дека полицијата веќе привела жител на градот за денешниот напад, кој ги вознемири граѓаните.

Scroll to Top