Царовска: Првпат системски се воведува услугата образовен асистент, секое дете има право на образование

пред 3 години

Првпат системски се воведува услугата образовна асистенција која е предуслов за обезбедување инклузивно образование. Донесени се сите подзаконски акти кои се однесуваат на услугата, со што образовна асистенција ќе се испорачува согласно Законот за основно образование.

– За Владата и за МОН обезбедувањето целосно инклузивно образование е врвен приоритет. Наша цел е секое дете да има пристап до сите нивоа на образование на еднаква основа со другите ученици, преку создавање услови и можности овие ученици да го реализираат својот потенцијал и понатаму да се вклучат на пазарот на трудот и во општеството. Услугата ќе се финансира од државниот буџет, односно преку Буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиони денари, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн-средба во организација на Движењето на родители на деца и лица со телесна попреченост – НВО „Пркос“, во соработка со Националното здружение за социјална инклузија, рехабилитација и општествена интеграција на лицата со посебни потреби „Соѕвездие“. Настанот е организиран по повод Денот за подигнување на свеста за церебралната парализа 25 Март.

Како што информира МОН, Царовска нагласи дека веќе се спроведуваат подготовките за обезбедување на услугата образовен асистент од следната учебна 2021/2022 година.

– Сите родители на учениците од второ до деветто одделение треба да се пријават во своите училишта, да ја искажат потребата и да достават мислење од Комисијата која работи по Меѓународната класификација на функционалности. За учениците кои првпат се запишуваат во прво одделение оваа обврска треба да ја исполнат до почетокот на јуни. По утврдување на потребата, односно бројката на потребни образовни асистенти, во втората половина на јуни ќе се објави јавен повик за ангажирање образовни асистенти, појасни Царовска.

Во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во април ќе почне обука на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти кои ќе бидат селектирани, а ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овие ученици.

Согласно новиот Закон за основно образование, посебните училишта, односно училиштата во кои се воспитуваат и образуваат ученици со попреченост, ќе станат ресурсни центри. Министерката Царовска посочи дека со тоа ќе се овозможи мобилност на веќе постојниот искусен кадар кој ќе им дава поддршка на инклузираните ученици како и на инклузивните тимови во редовните училишта.

– Обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН, рече Царовска.

Во насока на унапредување на процесот на инклузија, во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 12 образовни институции низ државата – четири основни училишта, четири средни и четири факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – „EU for inclusion“, за кој е подготвена техничката документација (проекти за адаптација) и се очекува градежните активности да почнат во јуни/јули 2021.

Во рамки на ИПА проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, доделени се и 287 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование, за прво и второ одделение.

Оваа година се зголеми и бројот на стипендии преку МОН наменети за учениците со посебни потреби од јавните и приватните средни училишта и, како што наведува Министерството, доделени се 100 стипендии за ученици со посебни потреби за учебната 2020/2021 година.

Scroll to Top