Центар има 32 барања за градење, укинатиот мораториум отвори можност за градежна офанзива по плановите оценети како криминални

пред 3 години

Од петти јануати до денес во Општина Центар пристигнале вкупно 32 барања за издавање одобренија градби на кои Општината треба да одговори сега, откако Уставниот суд го укина мораториумот за градење, а на сила повторно се урбанистичките планови кои беа оценети како криминални. Од Центар велат дека и без мораториум, иако ќе им биде тешко, ќе настојуваат да го ограничат градењето.

„Ќе продолжиме со ревидирање на плановите иако процесот се одвиваше полесно додека на сила беше Одлуката за неспроведување на ДУП-овите. Општината ќе ги искористи сите дозволени правни механизми да продолжи со дисциплинирање на градежните парцели и ќе инсистираме максимално на запазување на параметрите за донесување на ревидираните ДУП-ови“, велат од Општина Центар по одлуката за укинување на мораториумот.

Барања за одобренија за градење во Центар стигнуваа и додека на сила беше мораториумот, но се одбиваа со објаснување дека се до ревидирање на плановите нема да издаваат одобренија. Поради одлуката на Уставниот суд, Општината мора да ја смени оваа пракса и да почне да издава одобренија.

Уставниот суд одлучи да се укине мораториумот за градење во Центар и на 05.01 годинава ја укина одлуката за начинот на применување на деталните планови донесена од Советот на Општина Центар со која градењето не беше дозволено до донесување нови, ревидирани планови. Веќе се истечени законските рокови за жалба на одлуката и во моментов нема правна пречка градењето да продолжи.

„Доколку оваа одлука биде укината, за сѐ што ќе се случува понатаму, одговорноста наместо во општината, мора да се бара во Уставниот суд“, рече градоначалникот Богдановиќ во декември, минатата година

Градоначалникот на Општина Центар, уште на крајот на минатата година, кога Уставниот суд ја прифати иницијативата за разгледување на одлуката на Советот на Општина Центар, рече дека е јасно каква ќе биде дискусијата.

„Со оваа одлука за прифаќање на иницијативата поднесена од двајца граѓани на Охрид и со неприфаќањето на било каква дискусија, ни станува јасно како ќе се одвива дискусијата на уставните судии. Откако се корегираа одредени планови и се усогласија со важечкиот Генерален урбанистички план (ГУП) на Град Скопје, одеднаш пристигнаа и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за неспроведување на деталните урбанистички планови и тоа внимавајте, не од жители на Општина Центар, ниту на Град Скопје, туку ни помалку, ни повеќе – од граѓани на Охрид“, рече градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ кога Уставниот суд ја прифати иницијативата.

Тој уште тогаш предупреди дека ако се укине одлуката, на сила се враќаат старите планови.

„Доколку оваа одлука биде укината, одлуката за начинот на спроведување на деталните урбанистички планови, ќе стапат на сила старите планови, за кои што граѓаните и тоа како се противеа. Оттука, за сѐ што ќе се случува понатаму, одговорноста наместо во општината, мора да се бара во Уставниот суд, кој ги скрати можностите на Општина Центар за било каква промена со новите детални урбанистички планови“, предупреди градоначалникот Богдановиќ.

Советот на Општина Центар го изгласа мораториумот за градење во Центар во декември 2017 година, два месеца по изборите кога за градоначалник беше избран Богдановиќ. Со мораториумот беше стопирана реализацијата на вкупно 31 план, со најава дека сите ќе бидат ревидирани и од нив ќе бидат избришани градбите за кои граѓаните и стручната јавноста се изјаснија дека се против. Досега ревидирани се само 8 урбанистички планови во Центар, на останатите 23 се уште се работи. Mеѓу оние на кои се работи е и планот за уредување на просторот на поранешна „Треска“ каде што стариот план предвидуваше педестина нови згради.

Scroll to Top