Чествување на македонскиот поет Анте Поповски по повод 90 години од неговото раѓање

пред 3 години

Со цитирање на дел од поетските зборови кои оставија длабок печат врз македонската поезија напишани од перото на македонскиот поет Анте Поповски, денеска во Спомен собата на браќата Миладиновци се одржа чествување на неговиот лик и дело по повод 90 години од раѓањето.

Професорката Кристина Николовска која е автор на делото „Книга за Анте“ во својот емотивен говор посочи дека сите ние сме книга за Анте и како книга ние сме завет.

-Оти ќе не поучи таткото на речта, песната во нејзиното основно битие е завет, песната е преобразено битие на нејзиниот автор кој самиот себе си се осмислува во завет, така и ние сме песна Антева, и ние сме прозбор чудесен се додека така сами себе си глаголиме, оти за нас само за нас семето негово по збор и сонцето сосема се спушти и буквите излегоа, Исус се симна од крстот за да те побараат, а ти како овенато јаболко заборавено на полица, како осамен монах во пештера, само си молчиш и сам себе си глаголиш некоја црна глаголица и не остави во кобната 2003 кога како татко кој откако тој засекогаш излезе од неговата куќа веднаш по него и куќата отпатува со него, темелите, столбовите, скалите, покривот тргнаа по неговите траги и исчезнаа, куќата беше составена од неговиот глас како што и куќата Македонија го содржеше и се уште го содржи неговиот, глас но и гласот на сите поети, писатели уметници, и чудотворци кои ја правеа и чуваа да биде дом, да биде градба каде јазикот , речта, словото, зборот се нејзиниот највисок штит и не беше осамен и не е осамен големиот поет и филозоф Анте, еден од столбовите на современата македонска мисла. И паметам крикнав гласно во далечната 2005 , каде после последната поезија на Анте и сега прашувам низ крик каде после нашето живеење по поезијата на Анте, откако замина Анте, оти не е тој тука , замина, истакна Николовска.

Ангелот- татко, како што рече професорката засекогаш излезе од својата куќа, а на замин не поучи дека феноменот на поезијата постои за да воспостави ред меѓу нештата, ред помеѓу човекот и времето зашто вистинската традиција не е завршено минато. Таа е силата која ја оживува и продолжува стварноста.

-Та тој сотвори ден од мракот, творечки како сите наши просветители, собирачи, стилизатори, кажувачи, творци. Та сотвори- ден над деновите- поетски преку есеј , мисла, порака, казание, преку слововиедние свето, ни го пренесе мајчиното, ни млеко како слова, како деца на прадревен јазик, како колострум или прајазик, во кои песните ни беа мајчина дојка од кои го цицавме првото течно „злато“ она кое не окрупнува, не прави вистински мажи и жени-родилки, поети-везилки, проповедници на арното, здравото и утрешното е такви не посака Анте, рече Николовска.

На чествувањето присуствуваше и синот на Анте Поповски. Тој се заблагодари на библиотеката која го овозможи настанот, на вработените како и на зборовите на говорниците.

-Сите ние овде сме дел од антевото перо кога зборувам за сите „Антево перо 2021“ започнува со денешното чествување, минатата година имавме над 90 книги, видете сега на сите конкурси по колку книги се јавуваат, ние немаме ниту парични награди, ниту ништо ние само ја објавуваме победничката книга и даваме златници со ликот на Анте Поповски, истакна Александар Поповски.

Поповски е роден на 3 јуни 1931 година во село Лазарополе, Дебарско. Завршил Медицински факултет во Скопје и како лекар работел во Дебар. Но, сепак повеќе го влечел пишаниот збор и вклучувањево во општествените текови.

Избори од неговата поезија во посебни книги се објавени во Албанија, Грција, Франција, Русија, Турција, Италија, Германија, Велика Британија, Индија. Преведувач на автори од светската поезија и есеистика.

Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“ за 1964 година за стихозбирката „Непокор“, „Браќа Миладиновци“ за 1995 година за стихозбирката „Провиденија“, „11 Октомври“ за 2002 година, „Кочо Рацин“, „Гоцева повелба“и на Меѓународната награда за најдобра песна „Premio Europa“.

Scroll to Top