1.258 пациенти заразени или сомнителни на Ковид-19 се лекуваат во македонските болници

пред 4 години

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.258 и има околу 60 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла, велат од Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 820 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 71 пациент позитивен и суспектен на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 59 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 37 пациенти, во Велес се лекуваат 69 болни, а во Куманово 100 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19, информираат од Министерството.

Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 104 пациенти, во Прилеп 116, во ковид центарот во Гостивар 47, а во Струга 27 болни. Во болницата во Струмица лежат 93 пациенти, во Кочани 30, во Кичево 21, Кавадарци 38, а во Гевгелија 8 лица позитивни на коронавирусот. Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти, напоменуваат од Министерството.

Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Scroll to Top