44 граѓански здруженија бараат закон кој ќе спречи хидроцентрали на Шар Планина

пред 3 години

На 20 ноември истече рокот за прибирање коментари во врска со Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Доколку се усвои онака како што е предложен, овој закон ќе овозможи изградба на нови мали хидроцентрали на Шара, во услови кога негативното влијание од постоечките хидроцентрали врз природните вредности, но и животот на локалното население, силно се чувствува. Доколку се реализираат зацртаните планови, во идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали – велат во соопштение до јавноста и до Министерството за животна средина и просторно планирање здруженијата кои предупредуваат од опасноста на изградба на хидроцентрали на Шар Планина.

„Имајќи предвид дека врз основа на овој закон ќе се изработи Планот за управување со националниот парк, а кој се донесува за период од 10 години – Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, наместо долготрајна заштита, може да обезбеди законска
рамка за долготрајно уништување. Со намера да спречиме усвојување на закон кој ја остава отворена вратата за продолжување на
уништувањето на Шар Планина, се здруживме 44 граѓански здруженија и иницијативи и испративме заеднички коментари до Министерството за животна средина, кое има законска обврска истите да ги земе предвид.

Го потсетуваме Министерството за животна средина дека е дел од Влада чија Програма предвидува забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја. Бараме целосна ревизија на законот и негово усогласување со оваа определба, како и многу други стратегии, извештаи итн. кои, исто така, предвидуваат крај на уништувањето на природата од страна на проектите за мали хидроцентрали. Најпосле, сметаме дека закон кој овозможува продолжување на уништувањето на подрачјето кое го заштитува е спротивен на духот и целите на Законот за заштита на природата, од кој произлегува и кој би требало да го спроведе во практика.

Свесни за потребата за што поитна заштита на Шар Планина и спречување на тековното и идно уништување, додека Нацрт-законот не се хармонизира со сите релевантни закони, стратегии, програми, итн., бараме Министерот за животна средина, согласно со член 97 од Законот за заштита на природа, да ја стави Шар Планина во привремена заштита.

Се надеваме дека низ заедничките напори ќе влијаеме врз нашите институции да донесат закон кој реално ќе ја заштити природата, ќе го подобри животот на граѓаните, ќе го подигне на повисоко ниво почитувањето на нашите законски права и спроведувањето на законите,
стратегиите, програмите, договорите, итн. – односно навистина ќе ја приближи земјата до стандардите и политиките на Европската унија“ – се вели во соопштението на кое се потпишани 40-те здруженија.

Scroll to Top