Австриски научници: Оние што ќе го прележат коронавирусот се заштитени како да примиле вакцина

пред 3 години

Според научниците од Медицинскиот факултет во Грац, Австрија, луѓето кои имале коронавирус имаат 91% помал ризик од повторна инфекција во следните седум месеци. Според нивните студии, нивото на заштита обезбедено со коронавирусот е само малку пониско од нивото на заштита обезбедено со вакцина од Фајзер, за која се покажа дека обезбедува 95% заштита.

Во студијата биле опфатени луѓе кои се заразиле во првиот бран на инфекцијата, во периодот од февруари до април 2020 година. Истражувачите проучувале дали истите луѓе се заразиле за време на вториот бран – од септември до ноември истата година. Научниците откриле дека тие се многу поотпорни на инфекции кога ќе се споредат со останатата популација во Австрија.

Франц Алербергер, од Австриската агенција за здравје и безбедност на храна, вели дека зголемувањето на колективниот имунитет е видливо, но дека сепак треба да се биде претпазлив затоа што не е јасно како ќе се покаже тој имунитет при судир со новите соеви на вирусот.

„Податоците укажуваат на зголемување на имунитетот за Ковид-19 кај Австријците, иако сè уште не сме сигурни колку е валиден тој имунитет во однос на можноста за инфекција со разни мутации на коронавирусиот и како точно оние кои ја преживеале инфекцијата, имаат заштита од реинфекција подолг период. Потребно е понатамошно истражување, кое ќе се занимава со истите испитаници подолг временски период, како и споредба на податоците со податоците од другите земји“,вели овој научник.

Во претходната студија, британски научници дошле до заклучок дека 90% од заразените со коронавирус имаат антитела во своето тело, шест месеци по инфекцијата.

Scroll to Top