Австрија ќе купи милион дози од „Спутник V“

пред 3 години

Австрија има намера од април да купи милион дози руска вакцина „Спутник V“ против коронавирус, објави австрискиот канцелар Себастијан Курц, пренесуваат австриските медиуми.

„Не треба да имаме геополитички предрасуди за вакцините. Единствено што е важно е дали вакцината е ефикасна и безбедна, а не од каде потекнува. Од февруари сме во добар дијалог со руската страна за што сум многу благодарен. Ако Австрија прими дополнителни милиони дози вакцина, ќе биде можно побргу да се вратиме во нормала и ќе можеме да спасиме многу животи и работни места“, истакна Курц.

Според информациите на канцеларијата на австрискиот канцелар, Австрија и Русија во моментот преговараат за купување милион дози „Спутник V“.

Вакцината „Спутник V“ е произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“, во соработка со рускиот фонд за директни инвестиции, на 11 август доби потврда за регистрација од руското Министерство за здравство, со што стана првата регистрирана вакцина против коронавирусот во светот.

Вакцината е регистрирана во речиси 60 земји со вкупно население од над 1,5 милијарда луѓе.

Ефикасноста на препаратот е 91,6 процент, што беше потврдено во списанието „Лансет“, едно од најстарите и најценети медицински списанија во светот.

Вакцината е изградена на докажана и добро проучена платформа на човечки аденовирусни вектори и користи два вектора за две дози за време на вакцинацијата, велат експертите.

Scroll to Top