Амбасадорката Ким побара албанските власти да го забрзаат формирањето на Уставниот суд

пред 3 години

Американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким упати апел Уставниот суд да биде формиран до крајот на годинава, како што ветиле албанските власти, јави дописничката на МИА од Тирана.

Потсетувајќи на сопствената објава од 19 ноември, откако Претседателството и Парламентот ги објавија своите соодветни листи на кандидати за членови на Уставниот суд, Јури Ким на Твитер напиша дека „би било добро Уставниот суд да биде формиран до крајот на оваа година “.

Американската дипломатка потсетува дека остануваат уште шест недели, па „ги замолува Претседателот, Парламентот и правосудните институции да продолжат итно да работат за финализирање на ова многу битно прашање“.

„Благодарност до Високиот совет за правосудство за обезбедување квалификувани кандидати. Лидерите мора да го исполнат ветувањето за правосудството, за граѓаните на Албанија“, напиша Ким.

Ова е повторен апел што го упатува амбасадорката дека Уставниот суд треба да профункционира до крајот на годинава.

И Комесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во неколку наврати ги повика албанските власти да го стават во функција Уставниот суд, кој не функционира речиси три години.

Scroll to Top