Анкета на „Билд“: Германските Зелени со поголема популарност од ЦДУ на Меркел

пред 3 години

Популарноста на германските Зелени е во пораст по изборот на кандидатката за канцелар на изборите во септември, а резултатите од анкета објавена денска покажуваат дека тие имаат поголема поддршка од конзервативната партија ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел.

Станува збор за второ истражување на јавното мислење неделава што укажува на пресврт, а доколку резултатите од анкетата бидат потврдени на есенските избори, за прв пат во германската политичка историја, Зелените ќе ја имаат канцеларската позиција.

Анкетата спроведена за неделното издание на весникот „Билд“ од страна на Институтот Кандар, на Зелените им дава 28 проценти од гласовите, што е скок од шест процентни поени од претходната анкета, а следува по назначувањето на нивната претставничка Аналена Баербок за кандидатка за канцелар.

Според анкетата, конзервативната партија на Ангела Меркел губи два процентни поена и добива 27 проценти од гласовите, по контроверзната номинација на нивниот лидер, претседателот на ЦДУ, Армин Лашет, кој не ужива голема популарност во јавноста и се смета за човек на естаблишментот.

Социјалдемократската партија (СПД) се чини дека го губи тлото под нозете со само 13 проценти од гласовите, како и екстремната десница (со 10 проценти) и екстремната левица (со 7 проценти).

И резултатите од друга анкета, објавена во вторникот по барање на телевизиите РТЛ и НТВ, првпат им дадоа на Зелените предност од 28 проценти од гласовите, што ги носи пред десницата.

Зелените во понеделникот ја избраа својата потпретседателка, Аналена Баербок, за кандидатка за канцелар на парламентарните избори во септември.

Зелената партија долго време ужива силна јавна поддршка во анкетите, од 20 до 23 проценти, со што одамна го зазеде второто место по популарност зад демохристијанската унија ЦДУ / ЦСУ.

Во случај на формирање левичарска влада, со Зелените, Социјалдемократите и Левичарската партија, Баербок би била нова канцеларка.

Но, исто така, партијата е отворена за коалиција и со демохристијаните, што досега се покажува како успешна комбинација во неколку сојузни покраини.

Scroll to Top