Бајден во вторник ќе ги објави кандидатите за членови на Кабинетот

пред 3 години

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден во вторник ќе ги објави имињата на првите кандидати за членови на Кабинетот, најави денеска идниот шеф на Кабинетот на Белата куќа, Рон Клајн.

„Ако сакате да знаете за кои агенции станува збор и кој ќе биде надлежен за нив, треба да почекате новоизбраниот претседател да го објави тоа во вторник“, рече Клајн во интервјуто за телевизијата Еј-Би-Си.

Бајден вети дека неговата администрација ќе биде одраз на различноста на земјата. Тој исто така минатата недела рече дека веќе избрал секретар за финансии.

– Ние ја донесовме таа одлука. Ќе видите дека ова е личност која ќе биде прифатена од сите елементи на Демократската партија – од прогресивни до умерени коалиции, рече новоизбраниот претседател.

Во потесниот избор се наоѓаат поранешната шефица на Федералните резерви Џенет Јелен, сегашниот гувернер на Федералните резерви Лаел Брајнард и Рафаел Бостик, претседател на Федералните резерви на Атланта.

„Бајден ја составува новата администрација, додека актуелниот претседател Доналд Трамп продолжува да одбива да го признае поразот и се обидува да го сврти изборниот резултат со изнесување неосновани обвинувања за широко распространета изборна измама“, наведува Гласот на Америка.

Scroll to Top