Бајден и Путин би можеле да се сретнат во јуни

пред 3 години

Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден може да се сретнат во јуни, пренесува руската новинска агенција РИА повикувајќи се на извор од Кремљ.

Советникот за надворешна политика Јуриј Ушаков изјави дека конечната одлука за состанокот сè уште не е донесена, пренесува Ројтерс.

„Одлуката ќе ја донесеме врз основа на низа фактори“, рече Ушаков, кој беше амбасадор на Русија во САД од 1998 до 2008 година.

РИА одделно ја пренесува изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој рече дека предлогот за средба на двајцата претседатели е прифатен позитивно и во моментов се разгледува.

На почетокот на овој месец, Бајден го покани Путин на состанок за смирување на тензиите што растат околу Украина. Русија тогаш одговори дека тоа ќе зависи од американското однесување, велејќи му на Вашингтон да се откаже од новите санкции што САД во секој случај ги воведоа.

Руско-американските односи паднаа на најниско ниво од Студената војна минатиот месец кога Бајден во едно интервју го нарече Путин убиец, по што Москва го отповика својот амбасадор во Вашингтон. САД воведоа санкции во април поради наводното руско мешање во изборите во САД во 2020 година, за сајбер напади, притисок врз Украина и други злонамерни активности, анализираат светските агенции.

Scroll to Top