Британија пред колапс: Во болниците снемува кислород, денеска нов црн рекорд – над 53.000 нови случаи

пред 3 години

Болниците во Велика Британија се наоѓаат во критична ситуација, бидејќи во многу клиники привршува кислородот што се користи за лекување на заразените со коронавирус, изјави Саманта Бат-Роден, реаниматор од Националната здравствена служба и претседател на Здружението на лекари.

„Болниците остануваат без кислород. Единиците за интензивна нега бараат волонтери за да им помогнат на пациентите“, напиша таа на Твитер.

Лекарката, исто така, додаде дека поради актуелната состојба сега е потребно пациентите да се пренесуваат и повеќе од 65 милји (над 110 километри) до најблиската единица за интензивна нега.

Таа побара нејзината порака да се рашири насекаде за што повеќе луѓе да дознаат за состојбата со здравствениот систем.

На почетокот на декември во Велика Британија за првпат се проширија информациите за новиот вид на коронавирусот. Според експертите, новиот вид на вирусот е 70 отсто позаразен од неговата оригинална варијанта, но нема силни докази дека е посмртоносен. Министерот за здравство, Мет Хенкок, минатата недела изјави дека поради новата мутација на вирусот, епидемиолошката состојба во земјата „е надвор од контрола“.

Велика Британија денеска регистрира најголем број на нови случаи на Ковид-19 во едно деноноќие од почетокот на пандемијата, односно 53.135 новозаразени.

Ова е голем скок од вчера кога имаше 41.358 нови случаи, според Министерството за здравство.

Од последниот пресек починале 414 лица, што е исто така зголемување во споредба со вчера, кога починаа 357 луѓе.

Scroll to Top