Вакцините за Ковид-19 ќе бидат ослободени од ДДВ во Европската унија

пред 3 години

Во државите-членки на ЕУ нема да се плаќа данок на додадена вредност (ДДВ) на вакцините и тестовите за Ковид-19 до крајот на 2022 година.

Советот на ЕУ ги усвои измените и дополнувањата на директивата за заеднички систем за ДДВ, кои им овозможуваат на членките привремено да не наплаќаат ДДВ на вакцините и тестовите за коронавирус, како и на тесно поврзани услуги.

Усвоената мерка се однесува само на вакцините против Ковид-19 и ќе стапи во сила наредниот ден откако ќе биде објавена во Службен весник на ЕУ.

Европската комисија, која предложи привремена нула ДДВ за вакцините и тестовите кон крајот на октомври, ја поздрави одлуката на Советот и рече дека тоа значи олеснување за болниците, лекарите и поединците и исто така обезбедува подобар и поевтин пристап до алатките за спречување, откривање и лекување на коронавирус.

Во моментов, членките на ЕУ можат да применуваат пониски стапки на ДДВ за вакцините, но не и нулта стапка, додека намалената стапка не се однесува на тестовите.

Според изменетата директива, членките ќе можат да применуваат пониска или нула стапка и на вакцините и на тестовите доколку тие така изберат.

Европскиот комесар за економија Паоло Џентилони ја поздрави новата регулатива и посочи дека тоа ќе придонесе за поевтинување на вакцините и тестовите.

Scroll to Top