ВИДЕО: „Војна“ во центарот на Тирана, железни шипки и камења против солзавец и водени топови

пред 3 години

Вечерашниот протест поради убиството на 25-годишниот Клодјан Раша од страна на полицаец, спорeд насилството не се разликува од вчерашниот.

Собирот почна идентично како и вчера, пред Министерството за внатрешни работи, каде учесниците ја откорнаа заштитната ограда и почнаа да фрлаат железни шипки и пиротехнички средства врз кордонот полицајци, тврди предмети врз објектот, а истото го правеа и врз објектот на Министерството за финансии, каде ја оштетија влезната врата и многу прозорци, по што продолжија и пред Владата.

-„Војна“ во центарот на Тирана, полицијата за да се заштити себеси и државниот имот користи солзавец и водени топови врз демонстрантите кои не избираат со што гаѓаат врз полицијата.

Извикувајќи: „Долу диктатурата“, „Полицајци фашисти“, демонстрантите одзедоа и противпожарно возило, а палеа и контејнери во центарот на Тирана.

Освен повеќето од 800 полициски службеници, мораа да интервенираат и припадниците на специјалните полициски единици.

Протести беа организирани и во Корча каде демонстрантите носеле парола на која пишувало „Не ставајте гас маски, ставете панцири“, потоа во Валона, Драч, Берат и други градови. На протестот во градот Лежа освен барањето за оставка од министерот Лешај, учесниците имаа и едно чудно барање, а тоа е „Легализирајте го хашишот“.

Протестите во сите градови биле насилни со оштетување на полициските станици и гаѓање на полицајците со тврди предмети.

Во време кога почна протестот во Тирана, премиерот Еди Рама информира дека министерот за внатрешни работи Сандер Лешај поднел оставка, но оваа вест не влијаеше многу врз демонстрантите.

Полицијата приведе и повеќе учесници, пред се млади лица. На протестот немаше политички претставници. Има повредени, пред се полицајци, но колкав е бројот нема информации.

Scroll to Top