ВИДЕО: Инциденти и насилство во Атина, полицијата со солзавец ги растера грчките антимаскери

пред 3 години

Со инциденти, солзавец, шок бомби и приведени заврши протестот во Атина против рестриктивните мерки, карантинот и употребата на маски. Околу 400 луѓе кои се противат на мерките се собраа на плоштадот „Синтагма“ пред грчкиот Парламент, откако се организираа на социјалните мрежи.

Полицијата употреби солзавец и шок бомби за да ги растера демонстрантите, кои се собраа и покрај карантинот, на два часа пред почетокот на полицискот час во Атина.

Демонстрантите носеа голем транспарент на кој заштитните маски се споредуваат со поводник за животни и со кој се бара „да ни се вратат животите“. Некои од учесниците во протестот носеа грчки знамиња и ја пееја националната химна.

Судирите избија откако еден од демонстрантите фрли портокал врз полицајците, кои возвратија со солзавец. Неколкумина беа уапсени, а на една жена мораше да ѝ се укаже медицинска помош откако се онесвести.

Грција воведе строги мерки, карантин и полициски час уште од почетокот на ноември, а мерките неодамна беа продолжени до март, за да се спречи ширењето на коронавирусот. Казната за неносење заштитна маска изнесува 300 евра.

Scroll to Top