ВИДЕО: Конгресот изгласа импичмент – Трамп е првиот претседател во историјата отповикан двапати

пред 3 години

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес попладнево по локално време го изгласа предлогот за отповикување на претседателот Доналд Трамп поради поттикнување на своите приврзаници на насилство пред минатонеделниот упад во зградата на Капитол, кој резултираше со пет смртни случаи.

За предлогот гласаа 232 конгресмени, меѓу кои и десетмина републиканци од партијата на Трамп. Против беа 197 пратеници во Претставничкиот дом.

Трамп е првиот американски претседател во историјата кој двапати е отповикан во Претставничкиот дом – долниот дом на американскиот парламент. Предлогот сега оди во горниот дом – Сенатот, кој треба да одлучи дали ќе биде дозволено Трамп да биде суден и отстранет од функцијата.

Тој се соочи со постапка за отповикување и лани, поради аферата со барањето кон украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги истражува бизнисите на Џо Бајден и неговиот син, во замена за финансиска и воена помош на САД кон Украина. Претставничкиот дом на Конгресот и тогаш го изгласа отповикувањето, но тоа не помина во Сенатот, каде мнозинство имаше Републиканската партија.

Трамп е првиот претседател во речиси 350 години американска историја, кој бил отповикан двапати.

Одлуката во Сенатот во секој случај не се очекува пред инаугурацијата на новоизбраниот шеф на државата Џо Бајден, закажана за 20 јануари, но евентуалната судска пресуда би го спречила Трамп повторно да се кандидира за претседател.

Во пресрет на денешното гласање, Трамп ја отфрли иницијативата на Демократите како дел од „лов на вештерки“, а ги осуди и претходните обиди за негов импичмент преку повикување на 25-от амандман од Уставот, кој му дозволува на потпретседателот на државата да ја преземе власта во случај на онеспособеност или спреченост на претседателот.

Трамп исто така ги одби и повиците да поднесе оставка, со што би го спречил отповикувањето.

Scroll to Top