(Видео) Немири во Албанија поради убиство на момче кое го прекршило полицискиот час

пред 3 години

Главниот град на Албанија синоќа беше потресен од немирите околу убиството на 25-годишно момче кое го прекршило полицискиот час воведен за борба против коронавирусот.

Стотици Албанци излегле на улиците поради полициското убиство на 25-годишниот Клодијан Раша, кој го прекршил ноќниот полициски час и не застанал на барање на полицијата.

Демонстрантите, кои ја прекршија забраната за собирање повеќе од 10 лица, се судрија со полицијата. Тие фрлаа камења кон полицајците и кон зградите на Владата, Министерството за внатрешни работи и Собранието на Тирана.

Тие исто така се обидоа да упаднат во владиниот комплекс каде што е канцеларијата на премиерот Еди Рама, но полицијата ги растера со солзавец.

Портпарол на полицијата во Тирана изјави дека најмалку девет полицајци се повредени, а демонстрантите оштетиле неколку полициски возила.

 

Демонстрантите тврдат дека протестот не е политички, но меѓу насобраните може да се забележат и приврзаници на опозицијата. На една од снимките се гледа како демонстрантите палат и рушат украсена елка.

Полицијата соопшти дека во судирите биле повредени девет нејзини членови. Медиумите наведуваат дека демонстрант и новинар се повредени, а оштетени се и паркирани полициски возила.

Протестите избувнаа откако 25-годишниот Клодијан Раша беше убиен со огнено оружје, бидејќи не реагираше на наредбата на полицијата да запре. Демонстрантите извикуваа „Рама, оди си“ и „Јас сум Клодијан“.

Додека протестите продолжуваат, премиерот на Албанија, Еди Рама, е во САД на состаноците со претставниците на компанијата „Фајзер“, со која се обидува да постигне договор за набавка на вакцината.

Ограничувања на јавни собири, задолжително носење заштитни маски и ноќен полициски час се воведени во Албанија поради пандемијата.

Scroll to Top