(Видео) Поплави во Франција и Италија, има мртви и исчезнати

пред 4 години

Најмалку две лица го загубија животот во поплавите во Франција и Италија, додека десетици се водат за исчезнати.

Невремето што ги погоди југоисточна Франција и северна Италија предизвика големи поплави од двете страни на границата. Водата уништи мостови, блокираше патишта и изолирани села.

Еден волонтер пожарникар загина во Италија за време на интервенција.

Уште едно тело е пронајдено во провинцијата Верчели.

Најмалку 17 лица во Италија се водат за исчезнати.

Количината на дожд што падна во текот на ноќта во италијанскиот регион Пиемонт не е забележана од 1958 година.

Во Франција најмалку девет лица исчезнаа во поплавите откако на подрачјето околу Ница во Франција за само 12 часа наврнал дожд, речиси колку просечниот годишен просек.

Властите соопштија дека се оштетени куќи, мостови и патишта во планинскиот регион на Приморските Алпи крај границата со Италија.

Градоначалникот на Ница, Кристијан Естроси, изрази сочувство со семејствата на исчезнатите. Рече дека повеќе од 100 домови биле уништени или сериозно оштетени.

Францускиот претседател Емануел Макрон, на Твитер изрази благодарност до спасувачите.

Во регионот е на сила предупредување за опасност, а училиштата се затворени. Локалните власти ги повикаа граѓаните да не ги напуштаат своите домови.

Scroll to Top