ВИДЕО: Протестна нота од Софија до Белград, српски професор зборувал за „бугарските ѕверства“

пред 3 години

Директорот на Дирекцијата за Југоисточна Европа во Министерството за надворешни работи на Бугарија, Дејан Катрачев, го повикал амбасадорот на Србија во Софија, Жељко Јовиќ, за да му предаде протестна нота поради изјавите на директорот на Академијата за национална безбедност, професорот Драган Симеуновиќ, кој во една ТВ емисија зборувал за „ѕверствата на Бугарите“.

Според официјална Софија, Симеуновиќ ги обвинил Бугарите за злоставување на деца и силување на жени, за време на интервју дадено оваа недела за телевизијата „Национална“, јави Бугарското национално радио.

Во интервјуто, српскиот професор, спомнувајќи австриски извори, нашироко раскажува за злосторствата што ги извршила бугарската војска врз цивилното население во Србија.

– Бугарите се познати по злосторствата што ги правеа каде и да одеа. Германците убиваа, а Бугарите се изживуваа. Тие дури имаа одред за силување. Семејството на мојот прадедо, бремена жена, чие дете беше извадено од матката, заедно со уште четири други деца, беа живи запалени. Убиваа и свештеници и учители, воведоа и бугарска настава, изјави Симеуновиќ во емисијата „Српски свет“ на телевизијата „Национална“.

Министерството за надворешни работи на Бугарија наведува дека изјавите на Симеуновиќ претставуваат јасна манифестација на јазикот што шири омраза кон Бугарија и кон Бугарите и очекува соодветна реакција од српските власти и институции, се наведува во соопштението.

Драган Симеуновиќ е српски политиколог и редовен професор на Факултетот за политички науки на Белградскиот универзитет.

Scroll to Top