Вонбрачната ќерка на поранешниот белгиски крал Алберт Втори доби право да се нарекува принцеза

пред 4 години

Вонбрачната ќерка на поранешниот белгиски крал Алберт Втори во четвртокот победи во седумгодишна битка за своите кралски права – и сега може официјално да се нарече принцеза, пренесува „Њујорк пост“.

Делфин Боел сега може да се нарекува Делфин од Саксен-Кобург-Гота, принцеза на Белгија, откако Апелациониот суд во Брисел пресуди дека има право на истите кралски титули и привилегии како и трите други деца на нејзиниот татко.

„Законската победа никогаш нема да ја замени татковската љубов, но дава чувство на правда“, рече Боел во изјавата објавена преку нејзините адвокати.

52-годишната уметница тврдеше дека Алберт е нејзин вистински татко две децении пред да им се обрати на судовите за утврдување на неговото татковство во 2013 година – годината кога тој се откажа од престолот и го загуби законскиот имунитет поради нејзините тврдења.

Поранешниот монарх ја отфрлаше Боел како негова ќерка до јануари, кога се согласи да направи ДНК-тест по налог на судот и под закана од казна од 5.000 евра за секој ден што ќе го одбива тестот. Неговите адвокати рекоа дека „научните заклучоци покажуваат дека тој е биолошки татко на Делфин Боел“.

Боел тврдеше дека нејзината аристократска мајка Сибил де Селис Лонгшамп, имала врска со Алберт помеѓу 1966 и 1984 година. Шпекулациите за скандалот со татковството првпат се појавија во неовластена биографија за сопругата на Алберт, кралицата Паола, во 1999 година.

Алберт ги призна брачните проблеми со Паола во 70-тите години на минатиот век, но никогаш не призна дека имал вонбрачна врска. Поранешниот крал, чиј син Филип сега е крал, сè уште има право да поднесе жалба на судската одлука.

Scroll to Top