Во Вашингтон е мобилизирана Националната гарда пред протестите на приврзаници на Трамп

пред 3 години

Во главниот град на САД е мобилизирана Националната гарда пред планираните протести на приврзаниците на претседателот Доналд Трамп.

Приврзаници на шефот на државата планираат собири денеска и утре во обид да ги поддржат недокажаните тврдења на Трамп дека му е украдена победата на претседателските избори на 3 ноември.

Полицијата во Вашингтон постави знаци во центарот на главниот град со предупредување дека носењето огнено оружје е незаконски. Началникот на полицијата Роберт Конти ги повика жителите да ги предупредат властите доколку забележат маж со оружје.

– Постојат луѓе кои имаат намера да дојдат во нашиот град вооружени, рече Конти.

Енрике Тарио, лидер на крајнодесничарсдката група Proud Boys е уапсен во Вашингтон и обвинет за уништување имот поврзан со претходен протест за поддршка на Трамп. Уапсен е и за нелегално поседување оружје.

Во последните денови Трамп постојано ги охрабруваше своите приврзаници да организираат протести, па дури и навести дека тој самиот може да се вклучи. За време на викендот, тој излезе со пораката „Ќе бидам таму. Историски ден!”.

Демонстрациите треба да се совпаднат со официјалното гласање во американскиот Конгрес в среда, кога ќе бидат преброени гласовите од Изборниот колеџ, кој ја потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори.

Новоизбрана конгресменка го постави прашањето за носење огнено оружје во главниот град во неделата. Таа се закани дека ќе носи пиштол во Конгресот.

Додека компаниите поставуваа дрвени панели на прозорците во центарот на Вашингтон, градоначалникот Муриел Боусер побара од Националната гарда да и помогне на полицијата. Боусер ги повика жителите да се држат настрана од центарот на главниот град на САД и да избегнуваат расправии со демонстрантите. Вкупно 340 припадници на Националната гарда ќе бидат мобилизирани за да и помогнат на полицијата.

Ниту еден активен војник нема да биде мобилизиран. Исто така, војската нема да обезбеди авиони или разузнавачки информации.

Scroll to Top