Во Германија рекорден број на новозаразени, граѓаните прават резерви на тоалетна хартија

пред 3 години

Според институтот Роберт Кох (РКИ), во последните 24 часа во Германија се регистрирани 19.990 нови инфекции со коронавирус, најмногу од почетокот на пандемијата.

Пред новото национално затворање, кое стапи на сила во понеделникот, граѓаните купуваа тоалетна хартија, средства за дезинфекција на раце и намирници, пишува „Ројтерс“.

Продажбата на тоалетна хартија минатата недела била за 139 отсто поголема отколку во периодот меѓу август 2019 година и јануари 2020 година, објави Централното биро за статистика.

Купувањето на дезинфициенси постојано се зголемува во последните неколку недели, што е за 104 отсто повеќе од нивоата пред значајниот пораст на нови инфекции во последната недела од октомври, но беа пониски отколку за време на првото заклучување во пролетта, кога продажбата се зголеми за осум пати.

Граѓаните купувале и намирници. Продажбата на брашно се зголемила за 101 отсто од нивото пред кризата во последната недела од октомври, додека квасецот и шеќерот пораснале за 74 односно 63 отсто.

Правењето залихи на тоалетна хартија е помало отколку што беше пролетта, што покажува дека жителите на Германија барем делумно ги слушаа апелите на политичарите кои побараа да избегнат создавање резерви.

Scroll to Top