Во Грција регистрирани 1.388 нови случаи, починаа 84 лица од Ковид-19

пред 3 години

Намален е бројот на новозаразени и на смртни случаи во Грција во изминатите 24 часа, според официјалните податоци соопштени на редовната прес конференција во Министерството за здравство на Грција.

Регистрирани се 1.388 нови случаи, a починаа 84 лица. 549 пациенти се приклучени на апарати, девет повеќе од вчера.

Професорката епидемиолог Вана Папаевангелу и член на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција рече дека притисокот врз здравствениот систем е голем со оглед на тоа дека хоспитализирани се над 4.000 пациенти со Ковид-19, а исполнет е 86 отсто од капацитетот на Одделенијата за интензивна нега на лица со коронавирусот.

Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, исполнет е 81 отсто од капацитетот, а во северна Грција достигнува до 99 проценти.

Професорката истакна дека има намалување на новите случаи, но можеби не е со очекуваниот ритам, бидејќи има голема раширеност на вирусот во општеството, но додаде дека мерките почнуваат да даваат резултати.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Харадљас на редовната прес конференција, говорејќи за тоа кога ќе бидат ублажени рестриктивните мерки и карантинот, рече дека одлуката на Владата ќе биде базирана на епидемиолошките податоци, кои ги следи секојдневно и додаде дека за Владата единствен приоритет останува заштита на јавното здравје.

Scroll to Top