Во Конгресот денеска се гласа за трикратно зголемената парична помош за Американците

пред 3 години

Демократите во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска имаат намера да добијат зголемување на директните исплати за Американците од 600 на 2.000 долари, мерка што претходно ја побара и претседателот Доналд Трамп

Трамп минатата недела се закани дека ќе го блокира пакетот економска помош во пандемијата со коронавирусот во земјата доколку не се зголемат исплатите, но синоќа наеднаш ја смени позицијата и го потпиша законот. Со ова се осигурани обновените исплати за милиони Американци, отстранета е и заканата од делумно запирање на работата на сојузната влада.

Берзите на овој потег одговорија со ентузијазам – водечките индекси на Волстрит денот го почнаа од максимални позиции.

Демократите, кои се мнозинство во Преставничкиот дом, уште претходно бараа поголеми директни исплати до 2.000 долари, и сега, со актуелизирање на барањето од страна на Трамп, се надеваат да успеат во тоа. Или барем да ги стават републиканците, кои се против вакви максимални исплати, во непопуларна позиција отворено да настапуваат против тоа.

Гласањето за ова се очекува да почне доцна попладне, и да трае до вечерните часови.

Истот така, законодавците ќе се обидат да го надминат и ветото што претседателот го стави на нацрт законот за буџет за одбрана, во висина од 740 милијарди долари. Ако успеат, ова ќе биде прв случај во текот на претседателствувањето на Трамп, негово вето да биде надминато.

Самиот претседател моментално игра голф во својот голф клуб и не се појавува во јавноста.

Во меѓувреме, новоизбраниот претседател Џо Бајден планира краток настап денеска околу 15:30 по локално време, по координацијата со неговите тимови за национална безбедност и за надворешна политика.

Scroll to Top