Во рибарски брод со мигранти што пристигнал во Грција имало турски полицајци, пратеник и новинар

пред 4 години

Во рибарски брод со 65 лица, што пристигнал во грчкиот град Катаколо во западниот дел на Пелопонез, заедно со мигрантите имало и 30 турски државјани, меѓу кои полицајци, пратеник, новинар и универзитетски професори, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, половината од патниците во бродот, односно 35 лица биле мигранти од Авганистан и Ирак, а веројатно Италија била крајната дестинација.

Како што пренесува информативниот портал „Илиалајв“ од Пелопонез, од турските државјани, 20 рекле дека се полицајци гонети од Ердоган, а десет се Курди, меѓу кои универзитетски професори, еден пратеник и еден новинар.

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, во интервју за грчјата телевизија „Скај“ утрово рече дека бродот имал легални документи за пловидба, а турските државјани засега не поднеле барање за азил.

-Во овој момент тие не се нелегални мигранти, во земјата пристигнаа легално, со документи. Ако не поднесат барање за азил и сакаат да си заминат, можат да си одат, рече Митаракис, додавајќи дека сѐ уште не постојат официјални информации од надлежната крајбрежна служба.

Според грчките медиуми, за истражување на целиот случај вклучена е и Националната разузнавачка служба на Грција.

Scroll to Top