Во Словенија опаѓа бројот на новозаразени, но нема ублажување на мерките

пред 3 години

Во Словенија во последните 24 часа потврдени се 1.478 нови инфекции со коронавирус, а 23 пациенти починале од компликации со Ковид-19, објави словенечкото Министерство за здравство, а поради епидемиолошката состојба, властите не размислуваат за ублажување или укинување на мерките.

Иако трендот во последните денови покажува релативно намалување на бројот на нови инфекции, а бројот на новозаразени во последните 24 часа е скоро за 600 помал од пред една недела, владата сè уште не размислува за мерки за ублажување, со оглед на критериумите утврдени со т.н. семафор.

Според новите податоци на Министерството за здравство, во Словенија во моментов има 22.941 активен случај на инфекција со коронавирус, просечниот број на дневни инфекции во последните седум дена е 1.465, во болниците има 1.266 ковид-пациенти, од кои 199 се на интензивна нега.

Во земјата досега се регистрирани 3.093 смртни случаи од Ковид-19, а властите веруваат дека со забрзана кампања за вакцинација и имунизација, поголемо отворање и укинување на мерките може да се случи во април или мај.

Досега во Словенија се вакцинирани 29.561 лице или околу еден и пол процент од населението, а скоро целиот персонал и корисниците во домовите за стари лица се веќе вакцинирани, како и добар дел од здравствените работници.

Scroll to Top