Во Србија вакцинирани над 400.000 граѓани

пред 3 години

Србија од почетокот на имунизацијата на 24 декември до денеска вакцинираше повеќе од 401.500 граѓани со вакцините на „Фајзер-Бионтек“, „Спутник В“ и „Синофарм“.

„Утре ќе добиеме уште 40.000 вакцини ‘Спутник В’, а во понеделник дополнителни 9.360 дози на ‘Фајзер’“, објави премиерката Ана Брнабиќ, одговарајќи на пратенички прашања во српскиот парламент.

Таа рече дека во февруари се очекуваат вакцини против коронавирус преку програмата Ковакс.

Брнабиќ изјави дека денес Србија е втора во Европа според бројот на вакцинирани граѓани на 100.000 жители, по Велика Британија и седма во светот, веднаш зад САД.

Во изминатите 24 часа во Србија се потврдени 1.592 нови случаи на коронавирус, а 21 лице почина.

Scroll to Top