Во Србија неделава треба да пристигнат 20.475 дози од вакцината на „Фајзер“, се анализира и руската вакцина „Спутник V“

пред 3 години

Првите дози на вакцината на компаниите „Фајзер“ и „БиоНТек“ треба да пристигнат во Србија во текот на оваа неделаа, изјави денеска Павле Зелиќ од Агенцијата за лекови и медицински помагала, додавајќи дека дозволата на агенцијата се однесува на 20.475 дози вакцини.

Зелиќ за РТС изјави дека вакцината е ефикасна во 95 отсто од случаите, како што е напишано во документацијата.

-Ги контролиравме сите елементи – квалитетот, ефикасноста, безбедноста. Очекуваме првите дози да пристигнат во следните денови, кога ќе се изврши контрола во нашата лабораторија и ќе се издаде сертификат, кажа Зелиќ.

Според него, агенцијата од 2 декември, кога ги добила документите, внимателно проценила тоа што го тврди производителот, од почетокот на развојот на вакцината до трите клинички фази.

-Навистина е така, како што беше најавувано, можеме да бидеме задоволни од нашите тестови за оваа вакцина, истакна Зелиќ.

Тој посочи дека реакциите што биле забележани досега и во примената се – болка на местото на примање, отоци, црвенило, односно тоа што го знаат сите што примиле вакцина. Исто така, додаде Зелиќ, забележителни се еден до два дена замор, болка во мускулите и главоболка.

-Постои неспоредливо помал ризик да имате главоболка отколку да добиете корона. Ние ќе ја следиме примената и во Србија, нагласи Зелиќ.

Кога станува збор за руската вакцина „Спутник V“, Зелиќ кажа дека се направени општи, специјални и безбедносни тестови.

-Треба да ја комплетираме нашата проценка, работиме на тоа и ќе работиме интензивно, очекуваме добри резултати и во однос на таа вакцина, изјави Зелиќ.

Тој посочи дека во тек се преговори со секој што може да биде потенцијален снабдувач на вакцини за Србија.

Зборувајќи за новиот вид на коронавирус што се појави во Велика Британија, Зелиќ изјави дека во моментов нема податоци дека вакцините не се ефикасни против овој нов вид.

-Вакцините се тестирани и на новите видови, вакцините исто така ќе не заштитат од новите видови на коронавирус, кажа Зелиќ.

Scroll to Top