Договорено производство на 60 милиони руски вакцини „спутник В“ во Кина

пред 3 години

Кинеската фармацевтска компанија „Шенжен Јанксинг Гин-тек“ ќе произведе околу 60 милиони руски вакцини против ковид „спутник В“, соопшти Рускиот суверен фонд, кој го финансираше развојот на таа вакцина.

Фондот во изјавата наведува дека повеќе од 30 милиони луѓе ќе можат целосно да се вакцинираат со таа количина, а комерцијалното производство на вакцината треба да започне во мај годинава.

Генералниот директор на Фондот, Кирил Дмитриев, рече дека оваа соработка ќе овозможи зголемување на производните капацитети, бидејќи се зголемува побарувачката за руска вакцина во светот.

Според рускиот фонд, вакцината „спутник В“ досега е одобрена во 57 земји, во кои има 1,5 милијарда луѓе, но сè уште не е одобрена во Кина.

Портпаролот на Фондот за „Франс прес“ изјави дека ова е втор договор за производство на „спутник В“ со Пекинг. Првиот потпишан со кинеската компанија „Тибет Родиола“ (Родиола) беше склучен во ноември минатата година.

Поради неможноста да произведат доволни количини на својата вакцина и желбата да се даде приоритет на руското население, Москва досега испорача помали количини „спутник В“ во странство.Сепак, овие испораки беа придружени со голем публицитет, пренесува агенцијата „Франс прес“.

Русија се обидува да го прошири бројот на места за производство на вакцини и склучува бројни договори со странски компании.

Само во Индија, во последните неколку недели се потпишани договори со неколку фармацевтски групи за производство на околу 700 милиони дози на вакцина.

Западот ги обвинува Кина и Русија дека ги користеле своите вакцини како средство за геополитичко влијание, но и двете земји го отфрлаат тоа, пренесе АФП.

Scroll to Top