Ерменската опозиција најави протестен марш

пред 4 години

Ерменската опозиција денеска планира да одржи протестен марш во главниот град на земјата, Ереван, за да побара оставка од премиерот Никол Пашинјан, соопштија опозициски активисти, пренесува ТАСС.

„Властите одговорија на нашите оправдани барања со акција за потиснување. Полицијата ги приведе лидерите на протестното движење. Ако се грижите за нашата земја, дојдете учествувајте на маршот во 17 часот. Бараме оставка од Пашинјан, но исто така ќе се бориме за слобода на политички затвореници во Ерменија“, истакнаа активистите.

Седумнаесет ерменски политички партии вчера одржаа митинг во центарот на Ереван со барање за оставка на Пашинјан, кој потпиша заедничка руско-ерменско-азербејџанска изјава за прогласување примирје во Нагорно-Карабах.

Опозицијата исто така се обиде да свика итна седница на парламентот, но не успеа заради немање кворум.

На 9 ноември рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах, почнувајќи од 10 ноември.

Ерменското Министерство за одбрана и Генералштабот во заедничкото соопштение во вторникот соопштија дека вооружените сили на земјата ќе го почитуваат договорот за Нагорно-Карабах потпишан од лидерите на Ерменија, Русија и Азербејџан. Тие исто така го повикаа ерменскиот народ да се воздржи од активности што можат да ја дестабилизираат состојбата во земјата.

Во меѓувреме, ерменскиот претседател Армен Саркисјан најави започнување на политички консултации за дискутирање на ситуацијата по потпишувањето на договорот.

 

 

Scroll to Top