Избори во светот во 2021 година

пред 3 години

Оваа година во светот треба да се одржат избори во голем број европски, јужноамерикански и африкански држави, а во некои се уште се чека официјално распишување и одредување точен датум за нивно одржување.

Првите избори во 2021 година ќе се одржат во Киргистан и тоа претседателски, кои условно беа закажани за 17 јануари, како и во Португалија на 31 јануари. Во Казахстан се закажани парламентарни избори за 10 јануари, во Лихтенштајн на 7 февруари, а во Холандија за Долниот дом на Парламентот на 7 март.

Првите избори годинава во овој дел на Европа ќе се одржат на 28 март во Бугарија – парламентарни, а во оваа земја до крајот на 2021 година ќе се одржат и претседателски избори, но датумот се уште не е одреден.

Вонредни парламентарни избори ќе се одржат и на Косово, но засега датумот е непознат. Парламентарни избори се закажани во Албанија за 25 април.

Во Велика Британија на 6 мај би требало да се одржат локални избори, кои претходно беа закажани за 2020 година но се одложија поради пандемијата на Ковид-19.

Кон крајот на оваа година во Германија, исто така, би требало да се одржат сојузни избори, за кои интересно е што првпат по подолго време нема да учествува канцеларката Ангела Меркел, која освен што се повлекува од функцијата претседател на Влада, се повлекува и од лидерската позиција во нејзината Христијанско демократската партија.

Парламентарни избори ќе се одржат и во Израел, што е четврти пат во последните две години, па се доведува во прашање и дали премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе успее да ја зачува лидерската позиција.

Претседателски и парламентарни избори ќе се одржат и во Аргентина, Чад, Самои, Иран, Чиле, и голем број пацифички и африкански земји. Оваа година локални избори треба да се одржат и во Република Северна Македонија, но засега не е одреден точниот датум.

Scroll to Top