Израел истражува случаи на миокардитис кај помлади луѓе по примена вакцина на „Фајзер“

пред 3 години

Израелското Министерство за здравство вчера објави дека истражува мал број случаи на воспаление на срцевиот мускул кај луѓето кои примиле вакцина на „Фајзер“ против Ковид-19, но дека сè уште не донела заклучоци.

Од „Фајзер“ наведуваат дека не е забележана поголема стапка на миокардитис отколку што нормално се очекува кај општата популација. Израелскиот координатор за одговор на пандемијата Нахман Аш рече дека прелиминарната студија покажала десетици појави на миокардитис што се случиле кај повеќе од пет милиони вакцинирани лица, пред сè по втората доза.

Аш рече дека не е јасно дали тоа е невообичаено високо и дали е поврзано со вакцината. Како што е наведено, повеќето случаи се забележани кај лица под 30-годишна возраст.

„Министерството за здравство во моментов испитува дали има вишок морбидитет (стапка на заболување) и дали ова може да се припише на вакцините“, рече Аш, нагласувајќи дека Министерството за здравство допрва треба да донесе заклучоци.

Утврдувањето на врската, додаде тој, ќе биде тешко затоа што миокардитис, состојба која често поминува без компликации, може да биде предизвикана од разни вируси, а сличен број случаи беа пријавени во претходните години. Според „Фајзер“, тие редовно контактираат со израелското Министерство за здравство со цел да ги прегледаат податоците за вакцината.

„Несаканите настани редовно и темелно се разгледуваат и не забележавме поголема стапка на миокардитис отколку што се очекуваше кај општата популација. Не е утврдена каузална врска со вакцината “, се вели во соопштението на компанијата.

Scroll to Top