Косово воведува нови мерки против Ковид-19, полициски час во неколку општини

пред 3 години

Косовската влада ќе воведе дополнителни мерки за заштита од ширењето на епидемијата на Ковид-19, откако последните денови продолжи трендот на голем пораст на бројот на заразени од коронавирусот.

Како што објави на денешната прес-конференција премиерот Авдулах Хоти, во неколку општини од петокот, 13 ноември, се очекува да се спроведе карантин, а ќе биде воведен и полициски час за граѓаните од 19 до 5 часот наутро.

Станува збор за седум општини, меѓу кои и главниот град Приштина, кои се класификувани во таканаречената „црвена зона“, поради процентуално најголем број заразени и починати од Ковид-19. Другите општини влегуваат во „зелената“, со помал број, и во „жолтата зона“, во која има најмал број заразени и во овие две зони нема да има полициски час.

Хоти најави и други мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, кои засега се предлози, но изрази уверување дека ќе бидат изгласани во Владата и ќе стапат во сила од петок.

Порачувајќи дека состојбата со пандемијата е мошне тешка и „може да се спореди само со војна“, косовскиот премиер рече дека таа е слична како и во останатиот дел на светот.

– Оваа ситуација може да се спореди само со војна и затоа бараме разбирање од секого. Не можеме целосно да ја затвориме државата, бидејќи тоа би било кобно, но мерките по една недела ќе не одведат до подобра состојба, рече Хоти.

Според него, досегашните мерки на Владата и здравствените власти даваа резултати, но со новиот бран на пандемијата во регионот се влоши состојбата и во Косово.

– Имајќи ги редвид нашите (болнички) капацитети, ние треба да се погрижиме за поспецифични мерки. Тестовите тројно се зголемија последните недели, бројот на позитивни случаи е околу едно лице на тројца тестирани, а понекогаш имаме и до 50 отсто кои резултираат позитивни. Смртните случаи исто така бележат пораст, изјави Хоти, додавајќи дека и проекциите на Институтот за јавно здравство на Косово (ИКШПК) се „прилично песимистички“.

Во Косово последните недели се забележува видно зголемување на бројот на заразени од коронавирусот, што е резултат и на покачувањето на бројот на тестови на лица за кои постои сомневање дека се заразени.

Според последниот извештај на ИКШПК, вчера се извршени 1.559 тестирања, од кои како носители на вирусот резултирале 96 лица. Во истиот период се регистрирани 5 нови смртни случаи на заболени, со што бројката на жртви на епидемијата достигна до 773.

Од појавата на епидемијата вирусот е откриен кај 25.388 од вкупно 110.040 испитаници, а болеста ја совладале 16.362 лица, од кои како излекувани вчера се евидентирани 136 пациенти.

Активни заболени во Косово, според последните официјални информации, се 8.253 лица.

Scroll to Top