Крај на една ера во Куба: Раул Кастро се повлекува

пред 3 години

Лидерот на кубанските комунисти Раул Кастро денеска соопшти дека се повлекува од политиката и од функцијата генерален секретар на Комунистичката партија на Куба, наведувајќи дека раководењето со организацијата ќе ѝ го предаде на помладата генерација, која, како што истакна, е „полна со страст и антиимперијалистички дух“.

Повлекувањето на 89-годишниот политичар претставува крај на шестдецениската ера во која Куба ја водеа тој или неговиот брат Фидел, а која почна во 1959 година.

Во својот говор на отворањето на четиридневниот конгрес, кој се одржува зад затворени врати, а чии извадоци беа објавени на телевизија, Кастро рече дека со задоволство го предава раководството на партијата на група соборци кои имаат повеќедецениско партиско искуство.

Тој истакна дека се повлекува со чувство дека „ја исполнил својата мисија и е уверен во иднината на татковината“. Кастро не откри точно кого ќе номинира за свој наследник, но според аналитичарите, фаворит за позицијата генсек на партијата е Мигел Дијаз Канел, кој веќе го наследи на функцијата шеф на државата во 2018 година.

Кастро го наследи својот брат на претседателската функција во 2008 година, откако Фидел Кастро, „таткото на револуцијата“, ја предводеше земјата цели 49 години.

Scroll to Top