Курти: Дијалогот со Србија нема да биде приоритет на новата косовска влада

пред 3 години

Посредникот на Европската унија во преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак допатува вечерва во официјална посета на Косово, каде што беше пречекан од лидерот на партијата Движење Самоопределување (ВВ), Албин Курти, кој се очекува да биде иден косовски премиер по победата на неговата партија на парламентарните избори на 14 февруари.

По средбата во седиштето на ВВ, која траеше нешто повеќе од еден час, Лајчак замина без да даде изјава за медиумите.

На новинарите нешто подоцна им се обрати Курти, кој изјави дека и по оваа средба дијалогот со Србија не е меѓу главните приоритети на идната влада која тој ќе ја формира.

– Ме информира за процесот на дијалогот генерално. Јас уште еднаш појаснив дека ние ги добивме овие избори со нашата програма која е сконцентрирана на правдата и вработувањето, дека сме во услови на пандемијата на Ковид-19 и дека не сме против дијалогот, но сакаме тој да биде принципиелен и добро подготвен, им изјави Курти на новинарите.

Во продолжение на посетата на Косово, посредникот на ЕУ за Западен Балкан утре претпладне ќе има средба со вршителката на должноста претседател на државата и актуелна спикерка на Собранието на Косово, Вјоса Османи.

По престојот во Приштина, Лајчак в среда, на 3 март, ќе отпатува за Белград, каде, меѓу другото, е предвидена средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Утредента ќе отпатува за Црна Гора, каде што ден подоцна,в петок, ќе заврши неговата мини-турнеја во трите земји на Западен Балкан.

Според соопштението од Канцеларијата на ЕУ во Приштина, Лајчак планира да се сретне со политичките лидери на трите партнери од Западен Балкан, како и со претставници на Унијата на терен.

Scroll to Top