Лондон вчера немал смртен случај од Ковид-19, првпат во последните шест месеци

пред 3 години

Нема пријавено смртни случаи во Лондон поради Ковид-19, првпат по шест месеци, според официјалните податоци, пренесе Би – би – си.

Бројките на јавното здравство Англија (PHE) за 28 март покажаа дека нема регистрирано смрт на пациенти во рок од 28 дена по позитивен тест за коронавирус.

Во екот на кризата во април минатата година, во Лондон беа регистрирани околу 230 смртни случаи на ден поврзани со вирусот.

„Ова е фантастична пресвртница, но далеку сме од враќањето во нормала“, изјавил за Би – би – си еден од лекарите.

Ова е првпат дневните бројки на Ковид да покажат нула смртни случаи во Лондон од септември, минатата година.

Лондон претставува 12% од сите смртни случаи на коронавирус во Велика Британија, и беше епицентарот на првиот бран на пандемијата минатата година.

Во тоа време, Универзитетската колеџ болница имала „двајца или тројца пациенти кои умирале на секои неколку дена“, изјавил за Би – би – си лекарот за интензивна нега Џим Даун.

Тој кажал дека имаат седум пациенти со Ковид – 19 на одделот за интензивна нега за кои очекуваат да се подобрат.

Болницата се подготвува да ги повика луѓето на кои им треба замена на колк и третман против рак, чиј број бил огромен, но сепак ќе ги одржува спремни и капацитетите за Ковид – 19 пациенти во случај на нов бран.

Две домаќинства или групи до шест лица сега можат повторно да се сретнат надвор како резултат на ублажувањето на ограничувањата од 29 март.

Отворените спортски објекти, вклучувајќи тениски игралишта, базени и терени за голф, како и организирани спортови на отворено исто така можат да продолжат.

Од почетокот на пандемијата, 708 000 луѓе биле тестирани на коронавирус во Лондон, од кои 15 000 починале во рок од 28 дена по добиениот позитивен резултат.

Вкупно, имало 18 000 смртни случаи во лондонските болници, а Ковид-19 бил наведен во потврдата за смрт.

Scroll to Top