Македонците испишаа пораки со благодарност на пунктовите за вакцинација во Србија

пред 3 години

Илјадници странци, меѓу кои најбројни беа државјани на Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, изминативе денови се вакцинираа против коронавирусот на пунктовите во Србија.

Голем дел од луѓето кои ја примија вакцината, се потпишаа и оставија пораки на благодарност во книгите за впечатоци, пренесува порталот Б92.

Во текстот на Б92 се наведува дека во тетратките можат да се забележат пораки во кои се мешаат латиницата и кирилицата, англискиот, македонскиот и ексјугословенските јазици, а на некои места има груби цртежи на срца и многу извичници кои ја засилуваат емоцијата.

„Фала, братска земјо Србијо! Тебе и на твојот народ, фала од срце“, напишал еден од македонските граѓани кои се вакцинираа, а друг додал: „Секоја чест за организацијата, гостопримството и љубезноста на луѓето. Помогнавте и спасивте животи“.

„Фала ви на приемот и на услугата, тоа може да го направи само човек со широко срце и погледи, инаку ние Македонците ќе останевме невакцинирани. Заслужувате најголемо одликување“, пишува друг македонски државјанин кој во Белград ја примил првата доза од вакцината на „Астра зенека“.

Меѓу пораките, заедно со македонските, најбројни според Б92 се оние од Босна и Херцеговина, а може да се забележат и пораки напишани на англиски и германски јазик.

Scroll to Top