Мало подобрување на статистиките за Ковид-19 во Белгија

пред 3 години

Бројот на хоспитализирани и на новозаразени со Ковид-19 се намалува полека, јави дописничката на МИА од Брисел.

Помеѓу 5 и 11 февруари во просек се заразиле 1182 лица дневно, што претставува намалување од 19 отсто во споредба со претходната недела, додека пак помеѓу 8 и 14 февруари за десет отсто е намалена бројката на хоспитализирани поради коронавирусот во Белгија, соопштија утрово здравствените власти во Белгија.

Мало подобрување покажува и стапката на репродукција на вирусот, таа паднала од 0,96 на 0,95 и, што е најважно, останува под 1.

Стапката на позитивност, односно бројот на тестирани позитивни изнесува пет отсто, што претставува пад од 0,4 отсто. Што се однесува до просекот на заразени по сто илјади население, бројката е намалена за 3 отсто и изнесува 257 лица.

Единствена негативна статистика е бројот на починати, кој е зголемен за 5,9 отсто во споредба со претходната недела.

До сега во Белгија се вакцинирани нешто над 365 илјади лица.

Scroll to Top