Маорка со тетоважа на лицето стана прва жена министер за надворешни работи

пред 4 години

Нанаја Махута (50), блиска роднина на маорското кралско семејство, е именувана за нов министер за надворешни работи на Нов Зеланд во услови на реконструкција на владата по парламентарните избори минатиот месец, пренесува РТ. Махута ќе го замени Винстон Питерс, кој го загуби местото во парламентот по изборите на 17 октомври.

Премиерката Jaсинда Ардерн ја пофали Махута, првата жена на чело на Министерството за надворешни работи, како некој што многу брзо гради фантастични односи. Арден додаде дека искуството на Махута со владата „ги демонстрира оние дипломатски вештини што ни се потребни за да го претставиме Нов Зеланд на светската сцена“.

Махута рече дека ќе продолжи да ја следи прогресивната трговска агенда, меѓу другите приоритети.

„Она што знаеме повеќе од кога било досега во контекстот Ковид-19 е дека, како мала земја, треба да ги развиваме нашите односи и да останеме посветени на мултилатералниот трговски систем заснован на правила, кој функционира за Нов Зеланд“, рече таа.

Според локалните медиуми, Махута е внука на покојната маорска кралица Те Арикинуи Те Атаиранги Кааху, и блиска роднина на сегашниот маорски монарх Кинги Тухеитија. Првпат избрана во парламентпт пред речиси две децении, таа беше назначена за министер за развој на Маорите и министер за локална самоуправа во 2017 година.

Во 2016 година, Махута влезе во историјата со тоа што стана првата жена што имала „моко кауае“, традиционална, маорска, женска тетоважа на брадата додека била пратеник. Според Vice.com, таа со тетоважата ја одбележала годишнината од смртта на нејзиниот татко, додека нејзиниот дизајн ги вклучува традиционалните модели на резба на нејзиното племе.

„Моко е знак за идентитетот, како пасош“, изјави Махита за „Гардијан“. „Јас сум во период од мојот живот кога сум подготвена да дадам јасна изјава дека ова сум таа што сум, и тоа е мојата позиција во Нов Зеланд“.

Сè на сè, пет маорски министри се назначени во владата заедно со уште неколку други високи маорски функционери. Ардерн рече дека новиот кабинет е „заснован на заслуги“, но во исто време е „неверојатно разновиден и горда сум на тоа“.

Scroll to Top