Нетанјаху до Бајден: Израел не сака да повредува лица кои не се вклучени во борбата со Хамас

пред 3 години

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска му соопшти на американскиот претседател Џо Бајден дека Израел „прави се за да избегне повреда на луѓе кои не се вклучени во борбата со Хамас и други групи во Појасот Газа“, соопшти неговиот кабинет.

Во соопштението се вели дека доказ за тоа е фактот дека луѓето кои не биле вклучени во конфликтот биле евакуирани од зградата во Газа, во која се наоѓале канцелариите на повеќе светски медиуми, пред израелските сили да ја демолираат, пренесува Ројтерс.

„Премиерот му се заблагодари на претседателот Бајден за поддршката за нашето право да се браниме“, се додава во соопштението.

12-катна зграда во Газа, во која се наоѓаа канцелариите на светски медиуми, денес беше уништена во израелски воздушен напад, а сите вработени претходно беа безбедно евакуирани.

Покрај канцеларијата за дописи на АП, во зградата беа сместени и канцелариите на Ал Џезира и Агенцијата Франс Прес.

Scroll to Top