Бајден оствари телефонски разговор со Абас и Нетанјаху

пред 3 години

Американскиот претседател Џо Бајден денеска разговараше со палестинскиот претседател Махмуд Абас и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за тековниот израелско-палестински конфликт.

Портпаролот на Махмуд Абас објави дека Абас разговарал со Бајден на телефон, првпат од избувнувањето на последната криза.

Тоа е воедно и првиот разговор меѓу американскиот и палестинскиот претседател откако Бајден влезе во Белата куќа во јануари годинава.

Деталите за разговорите со Абас не се познати, а Бајден претходно разговараше и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по бомбардирањето на Газа, во кое беше урната зградата што ја користеа одредени медиуми.

Џо Бајден рече дека е загрижен за цивилните жртви.

Израелскиот премиер му порача на Бајден дека Израел „прави сè за да избегне повреда на луѓе кои не се вклучени во борбата со Хамас и другите групи во појасот Газа“, соопшти неговиот кабинет.

Во соопштението се вели дека доказ за тоа е фактот дека „луѓето кои не биле вклучени во конфликтот“ биле евакуирани од зградата во Газа, во која се наоѓале канцелариите на повеќе светски медиуми, пред израелските сили да ја демолираат, пренесува Ројтерс.

Scroll to Top