ОН: Во Авганистан намерно убиени 65 медиумски работници и активисти за човекови права

пред 3 години

Најмалку 65 медиумски професионалци и активисти за човекови права биле убиени во серија насочени убиства низ Авганистан во последните три години, се вели во денешниот извештај на Мисијата за помош на ОН за Авганистан (УНАМА).

Врз основа на извештајот што го опфаќа периодот меѓу 1 јануари 2018 година и 21 јануари 2021 година, 32 од жртвите биле активисти за човекови права и 33 други биле професионалци во медиуми.

Извештајот исто така открива дека од почетокот на внатре-авганистанските разговори за политичко решавање на тековната војна на 12 септември 2020 година, па сè до јануари 2021 година, бројот на насочени убиства се зголемил, и во тој период се убиени 11 медиумски работници и активисти за човекови права.

Ваквите напади, според организацијата, предизвикаа многу професионалци во медиумите да се самоцензурираат, да се откажат од работата, па дури и да ја напуштат земјата во потрага по безбедност за нив и за нивните семејства.

– Во време кога дијалогот и крајот на конфликтот преку разговори и политичко решавање треба да бидат во фокусот, гласовите од човековите права и медиумите треба да се слушнат повеќе од кога било досега; наместо тоа, тие се замолчуваат, изјави Дебора Лионс, специјалниот претставник на генералниот секретар за Авганистан.

Во извештајот, сепак, не се обвинуваат конкретно талибанците. Авганистанската Влада секогаш ја обвинуваше групата за замолчување на гласовите на граѓанското општество.

УНАМА, исто така, побара од недржавните засегнати страни, а особено од талибанските милитанти, да ги испитаат сите напади за кои се обвинети дека ги извршиле.

Scroll to Top