Помпео најави дека Хутите ќе ги прогласи за терористи пред истекот на мандатот на Трамп

пред 3 години

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, објави дека администрацијата на Трамп пред истекот на мандатот ќе ги прогласи јеменските бунтовници Хути, кои ги поддржува Иран, за странска терористичка организација.

Тоа ќе се случи на 19 јануари, ден пред новоизбраниот претседател Џозеф Бајден да стапи на должност. Според неколку претставници на администрацијата, Помпео исто така се очекува повторно да ја прогласи Куба за држава спонзор на тероризмот.

И двата потега можат да ја комплицираат дипломатијата на администрацијата на Бајден.

Покрај тоа, пред да ја напушти функцијата на 20 јануари, Помпео планира да укаже на експлицитни врски меѓу Иран и Ал Каеда и да воведе санкции за повеќе луѓе и ирански ентитети, соопштија официјални лица.

Администрацијата со месеци расправаше за одлуката за прогласување на Хутите за „странска терористичка организација“, но одлуката е одложена поради несогласувања дали воведувањето санкции ќе ја влоши многу сериозната хуманитарна криза во Јемен.

Приговорите на Министерството за финансии очигледно беа решени минатата недела откако беа договорени одредени изземања од санкциите, кои овозможуваат продолжување на помошта.

Помпео доцна синоќа објави дека движењето Ансар Алах, кое се нарекува и Хути, ќе го прогласи за терористичка организација, како и тројцата водачи на таа организација.

Хуманитарните организации предупредуваат дека санкциите можат дополнително да ја загрозат испораката на помош за јеменски цивили.

Scroll to Top